Симовски: Пандемијата ни наштети, немаме јасна слика со што располагаме во моментов

„Размислуваме и за во иднина, но исто така ќе се смета на сите за претстојните квалификации. Сепак, сè ќе зависи од нивното залагање, од нивниот професионален живот и од однесувањето на теренот и како ќе ги прифатат обврските кои ќе ги добијат за репрезентацијата“ - потенцира предводникот на дамите.

Селекторот на најдобрата женска репрезентација Симе Симовски, прв пат од декември минатата година, денеска ја собра А селекцијата во Маврово, во рамките од ЕХФ неделата.

Пандемијата од коронавирусот не донесе ништо добро за нашите дами, кои по административен пат ги завршија квалификациите за Европското првенство и беа пасивни сето ова време. Она што носи надеж е дека Македонија во декември ќе биде домаќин на квалификацискиот турнир за бараж за пласман на СП во Јапонија следната година. Тоа е целта кон која е насочен нашиот национален тим, стартувајќи од денеска.

„Последен пат репрезентацијата имаше собир во декември и од тогаш пауза од скоро десет месеци. Прво што ќе направиме ќе бидат тестирања за да видам со каква форма доаѓаат на овие подготовки. Секако, паузите кои ги предизвика пандемијата им штетеа на ракометарките и немаме јасна слика за тоа со што располагаме во моментов, но верувам дека ќе биде поинаку на крајот на оваа седмица. Неделава планирам да се посветиме на техничко-тактички план, да ја кренеме атмосферата во екипата. Исто така индивидуална работа со ракометарките за претстојните квалификации, како и да се крене нивото кај девојките“ – потенцира селекторот Симе Симовски.

На списокот од 18 ракометарки недостасуваат неколку стандардни првотимки, но единствената причина поради нивното отсуство се протоколите за ковид-19 во државите во кои настапуваат.

„Сите ракометарки кои ги повикав се во Маврово и позитивно е што се сите негативни на тестирањето за ковид-19, па можеме мирно да работиме. Исклучок се три-четири ракометарки на кои не можам да сметам и кои не можат да присуствуваат на собирот поради пандемијата, тоа е кочницата. Земјите во кои настапуваат имаат строги протоколи и само поради тој проблем се исклучени. Но, ќе ги следиме и оние кои се и оние кои не се на списокот.“

Симовски повика неколку нови ракометарки на местата на интернационалките кои се отсутни, но потенцира дека секој што ќе заслужи ќе има место во националниот тим.

„Размислуваме и за во иднина, но исто така ќе се смета на сите за претстојните квалификации. Сепак, сè ќе зависи од нивното залагање, од нивниот професионален живот и од однесувањето на теренот и како ќе ги прифатат обврските кои ќе ги добијат за репрезентацијата. Ако не се придржуваат на тоа секако дека нема да сметаме на нив, ќе поставиме граница која ќе треба да ја задоволат.“

За интернационалката Марија Штериова беше најавено дека нема повеќе да настапува за репрезентацијата, но сега одново се најде на списокот на селекторот, а ќе ја одработи и ЕХФ неделата во Маврово.

„Кога ќе заврши ЕХФ неделата ќе имаме точни информации за Штериова. Таа е на поширок список и ќе биде на подготовките и треба да ги одработи подготовките, па ќе видиме што ќе се случува во иднина“ – кусо одговори Симовски.

Македонија од 4 до 6 декември ќе ги пречека Исланд, Литванија и Грција во квалификациите за бараж за СП во Јапонија следната година, а стручниот штаб веќе мисли на тоа.

„Со Китевски како нов директор на репрезентацијата и Стрезовски како советник веќе детално работиме и темелно ги анализираме противниците. Девојките ќе имаат точни информации за секој ривал. Тоа што играме дома ќе биде голема предност за нас како репрезентација во создавање“, заклучи селекторот.

Неговиот стручен штаб и натаму не е комплетен. Покрај Китевски и Стрезовски, селекцијата доби и двајца нови кондициски тренери, како и Тања Андреева која се грижи за голманите, но се уште е празно местото на помошник тренер.

„Остануваат уште две места кои уште не се дефинирани. Ќе го сториме и тоа наскоро.“

Симе Симовски за прв пат по подолго време нема клупски ангажман и е комплетно насочен кон националниот тим, а така и ќе остане во иднина.

„Во моментов сум без клупски ангажман, но тоа не ми пречи. Комплетно сум насочен кон националниот тим и немам најава за ништо во блиска иднина“, завршува селекторот.