Симовски: Не очекував ваква висока разлика, но ривалот не го издржа нашето темпо

Ракометарките на Ѓорче Петров во ,,Автокоманда” го декласираа австрискиот Румс Јагс во првиот натпревар од третата рунда во Европскиот Куп триумфирајќи со 45:26.

Ѓорчепетровки со убедливата победа веќе обезбедија пласман во осминафиналетото во третото по ранг европско натпреварување, а утрешниот натпревар, кој исто така ќе се одигра во истиот термин (18:00 часот) и на истата локација ќе биде само формалност и можност за Румс Јагс да се покаже во подобро светло.

Тренерот на Ѓорче Петров, Симе Симовски истакна дека не очекувал победа со висока разлика, со оглед на искуството на противникот од Австрија.

,,Екипата од Австрија не беше комплетна, минатата година беа меѓу првите четири екипи во домашниот шампионат и оваа година имаат некој проблем, им фалат 2-3 играчи и на таа ситуација анализиравме два нивни натпревари, направивме некоја анализа и искрено не очекував дека можеме да направиме голема разлика, бидејќи се работи за екипа која е искусна во години, но кондициски не беа на големо ниво кај што можат да издржат едно темпо кое што го наметнувавме различно во натпреварот. За утрешниот ден ќе планирам девојките пак да одиграат на едно високо ниво, бидејќи настануваат лоши работи ако не сме на високо ниво. Ни фалат вакви дуели, бидејќи кај нас немаме натпревари од некој посилен ранг. На пролет ќе биде поинтересно во нашата лига, амбициите ќе бидат поголеми и во нашата лига и во Купот на Македонија, а во Европа одиме чекор по чекор, едно скалило погоре”, изјави Симовски.

Расподија на ,,лавиците” – Ѓорче Петров е веќе во осминафиналето на Европскиот Куп