Рапсодија на ,,лавиците” – Ѓорче Петров веќе е во осминафиналето на Европскиот Куп

Ракометарките на Ѓорче Петров во ,,Автокоманда” го декласираа австрискиот Румс Јагс во првиот натпревар од третата рунда во Европскиот Куп триумфирајќи со 45:26. Ѓорчепетровки со убедливата победа веќе обезбедија пласман во осминафиналетото во третото по ранг европско натпреварување, а утрешниот натпревар, кој исто така ќе се одигра во истиот термин (18:00 часот) и на истата локација ќе биде само формалност и можност за Румс Јагс да се покаже во подобро светло.

Тимот од Австрија кој на денешниот дуел беше формално домаќин, се покажа како незгоден ривал во воведниот дел и видно мотивиран влезе во натпреварот. Во првите десет минути се играше во егал и најчесто резултатот беше нерешен. Ѓорче Петров беше екипата која имаше минимална предност во воведниот дел, но тимот на Румс Јагс секогаш доаѓаше до израмнување. Составот на Ѓорче Петров кон средината на првото полувреме направи голем исчекор и во тој момент беше скршен отпорот на противникот.

По нерешените 6:6, ,,гостинките” направија серија од 4:0, поведоа со 10:6 и за неколку минути веќе ја обезбедија победата. Откако Румг Јагс за момент намали на ,,минус три” 10:7, Ѓорче Петров повторно влезе во брзина и одличната форма на тимот на Симовски беше потврдена со уште едно беспрекорно издание, односно серија од 8:0. Ѓорче Петров пред финишот од првиот дел ги имаше највисоките дотогаш ,,плус 11″ 18:7. Македонскиот шампион предводен од Ангела Јанкуловска, која првиот дел го заврши со 100% ефект, седум гола од исто толку обиди градеше убедлива предност и на пауза замина со водство од 21:11.

Доминацијата на Ѓорче Петров продолжи и во второто полувреме и во 35 минута дојде до 15 гола разлика, 26:11. Екипата на Румс Јагс првиот гол во вторите 30 минути го постигна дури во 36 минута и во останатиот дел исто како во најголемиот дел од првото полувреме, сѐ мина во знакот на македонскиот претставник. Ѓорче Петров уште повеќе ја зацврсти одбрана, не му дозволи да противникот ни најмал простор за напредок и рутински ја заврши денешната задача.

ЖРК Ѓорче Петров – Румс

Тренерот на Ѓорче Петров, Симе Симовски во последниот дел шанса им даде на останатите ракометарки од клупата, кои ја оправдаа довербата, ги покажаа своите квалитети и ја одржаа стекнатата предност. Составот на Румс Јагс не успеа да дојде до помала негатива и веќе при резултат од 37:22 во 50 минута беше јасно дека претставникот од Австрија ќе доживее тежок дебакл.

Кај Ѓорче Петров најефикасна беше Ангела Јанкуловска со десет гола, Милица Николиќ имаше осум, Теодора Дукоска седум пати се запиша во листата на стрелци, Ана Марија Коларовска на свое конто додаде шест гола, по три реализации имаа Емилијана Ризоска, Анастасија Николовска и Марија Јанкуловска, два гола постигна Катерина Дамјановска, додека по еден додадоа Зорица Васевска, Ива Велкова и Симона Василева.