Симовски: Може да се носиме со сите ривали, ќе се потрудиме да го извадиме најдоброто од девојките

Женската сениорска репрезентација вчера ги започна подготовките за квалификацискиот турнир за пласман во баражот за СП.

Тој ќе се игра во Скопје од петок до недела, а ривали на Македонија ќе бидат селекциите на Исланд, Литванија и Грција. Селекторот Симе Симовски вели дека овие квалификации ќе бидат искористени како некој старт за подготовка на тимот што ќе биде дел од ЕП 2022 година во Македонија.

„Нормално, ова е нов почеток, старт на квалификации за СП во Шпанија. Се собравме, иако знаеме како функционира светот во време на пандемија. Сите се тука, освен Матеја Серафимова, која поради лошите конекции со Израел доаѓа дури утре. Атмосферата за работа е одлична, полека полека ги насочуваме девојките кон системот за работа кој ќе ги очекува во овие три меча со Исланд, Литванија и Грција. Со сите три репрезентации не сме играле. Исланд го познаваме добро, сме играле неколку дуели откако јас сум селектор. Не треба премногу да летаме високо, едноставно треба секој ривал да го цениме, бидејќи сите се дојдени овде да одиграат добро. Анализите покажуваат дека може да се носиме со сите, ќе одиме на добар резултат на првиот натпревар. Потоа следи Литванија, имаме доволно видео анализи и за нив, а исто важи и за Грција. Играчки, составот на Исланд е сменет, им фалат неколку ракометарки, а играта им е друга, но ќе видиме“, вели Симовски.

Сите ракометарки и стручниот штаб се негативни на тестовите на коронавирус.

„Здравствениот билтен е одличен, условите за работа ни се одлични исто така, мора да го пофалиме и организацискиот дел. Ќе имам помошник во репрезентацијата, Билјана Црвенкоска, која е вклучена и во машкиот тим. Тука се двајца физиотерапевти, кои ќе бидат активни и во иднина, па сметам дека сме едно ниво погоре во поглед на организацијата“, продолжува Симовски.

Формата на дел од ракометарките е одлична, но има и работи што треба да се поправаат.

„Формата на ракометарките што играат во Лигата на шампиони и Лигата на Европа е на одлично ниво, но има некои аномалии кои ќе пробаме да ги елиминираме и ќе се потрудиме да го извлечеме најдоброто од сите нив“, заврши Симовски.

Сите натпревари Македонија на квалификацискиот турнир ќе ги игра во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 17:45 часот.