Симовски за 24 Ракомет: Романија е дел од европскиот крем, но секој тим има добри и лоши страни

Со дознавањето на името на противникот веќе може да почне новиот ангажман на стручниот штаб на женската репрезентација на Македонија во подготовките за баражот за Светското првенство. Романија е квалитетен и силен противник, но на девојките е да се обидат да го извлечат најдоброто на двата натпревари.

Селекторот Симовски ги искажа првите коментари за противникот за 24Ракомет.

„Уште пред ждрепката кажав дека нема слаба репрезентација во баражот која ни е можен ривал. После неколку баражи добиваме противник од источниот блок и ова ќе биде првпат да играме со Романија. Се работи за квалитетна селекција, но како и секој состав има добри и лоши страни. Наше е да направиме добра анализа и да се обидеме да ги најдеме тие слаби страни и да почнеме да атакуваме кон нив. Наше е и да ја подобриме играта во напад и да направиме сè што можеме во овој период за да се подготвиме најдобро што може“, изјави Симовски за 24 Ракомет.

Од денеска стартува почетокот на подготовките за Романија и почнува анализата на ривалот така што следува еден месец работа за сите за да се дојде до посакуваното.

„Месец дена е краток период, но и доволно време за да се направи анализа. Со дознавањето на името на противникот почнуваме и со работа. Денеска означуваме почеток и почнуваме со ангажманот за видео материјали. Романија играше квалификации за Олимписките игри и ќе можеме од средбите против Црна Гора и Норвешка да видиме за формата во која се наоѓаат“.

Сигурно ќе има уште девојки кои ќе се најдат во тимот и Македонија ќе делува многу поинаку на тој двомеч од овие квалификации кои беа одиграни во Скопје каде што беше прикажана одлична форма.

„На овој состав со кој го обезбедивме баражот ќе има сигурно уште некоја девојка која може да биде вклучена. Ќе повторам уште еднаш. Нема слаби противници. Романија е исто така дел од европскиот крем, но наше е добро да се подготвиме и да се обидеме да го покажеме најдоброто во баражот“, изјави Симовски.

Натпреварите ќе се играат на 16 или 17 април во Романија, додека реваншот е на 20 или 21 април во Македонија.