Симовски: Да не летаме високо, имаме уште два меча за играње

Женската репрезентација на Македонија имаше победнички старт на квалификацискиот турнир за пласман во баражот за Светското првенство во Шпанија.

Избраничките на Симе Симовски го совладаа Исланд со 24-17, а селекторот смета дека лошото отворање на мечот беше поради преголемата желба за победнички старт.

„Задоволни сме од победата. По година и пол пауза играме натпревар. Треба да одработиме два меча, не летаме високо, ги имаме уште средбите со Литвнаија и Грција. Лошо го отворивме дуелот, дали беше грч, дали желба преголема, имаме простор да го анализираме тоа вечерва да видиме каде грешевме. Потоа договорот беше спроведен на дело. На тој тајмаут се направи пресвртот. Договорот за вториот дел беше да играме во ист ритам, иако имавме неколку грешки на лев и десен бек. Примивме неколку гола и натпреварот беше израмнет. Направиме потоа две измени со Стојковска и Гичевска и тука се случи пресврт и да поведеме со четири гола за мирна завршница“, вели Симовски.

Селекторот вели дека е задоволен од играта во одбрана.

„Одбраната беше на ниво, дисциплинирано. Нападот можеби не беше на највисоко ниво, мора да менуваме многу, да се поработи и на финтата еден на еден, да се коригира дел од техничките работи кај ракометарките“, продолжи Симовски.

Не чекаат уште две средби со Литванија и Грција.

„Литванија и Грција не ни се познати. Мислам дека дел од младинките што играа пред две години се префрлени во сениорската репрезентација и ќе ги анализираме нивните акции сега на дуелот со Грција. Нив не им дојде најдобрата ракометарка па не би требало да има поголеми проблеми“, заврши Симовски.

Следен предизвик за сениорките ќе биде дуелот со Литванија во СЦ „Борис Трајковски“ утре со почеток во 17:00 часот.