Симиќ: Тиквеш има „штоф“ за пласман во плеј-оф

Новиот суперлигаш Тиквеш од Кавадарци по три порази по ред на стартот, забележа победа на гостувањето во Битола кај Еурофарм Пелистер 2.

Еден од најзаслужните за овој триумф беше српскиот интернационалец Страхиња Симиќ, кој последен ги засили кавадарчани.

Тој дојде во Кавадарци по четири години минати во Асобал лигата.

„Бев четири години во Шпанија и искрено ми требаше промена. Имаше некои случувања поради коронавирусот таму, ми стигна примамлива понуда од Тиквеш и одлучив да ја прифатам. Македонија е близу до Србија, тоа е еден од факторите, а тука е и тренерот Томе Петрески. Тој е големо име во македонскиот ракомет, некогашен среден бек, од кој сигурно ќе можам да научам многу и да напредувам уште повеќе во кариерата. Генерално тоа се мотивите, лесно донесов одлука да се преселам во Кавадарци“, вели Симиќ за 24Ракомет.

Средниот бек слушнал само убави работи за клубот и градот пред да дојде.

„Слушнав дека лани Тиквеш немаше пораз, а овде дојде да игра и мојот пријател Душан Медиќ, и практично знаев каде доаѓам. Нов сум во клубот, а не се чувствувам така. Прифатен сум одлично и од соиграчите, и од луѓето во Кавадарци, и од управата“, продолжува Симиќ.

Србинот смета дека Тиквеш има квалитет да парира на сите и се надева на пласман во плеј-офот.

„Сигурно дека имаме квалитет. Го покажавме тоа против Бутел Скопје. Во Богданци имавме само лош ден и едноставно коцките не се поклопија. Но против Бутел покажавме дека имаме квалитет, а тоа е една од најдобрите екипи во Македонија. Наше е да работиме, да тренираме напорно и секој ден да се докажуваме, да се бориме заеднички да стигнеме до главната цел – место во плеј-офот. Во овој Тиквеш има материјал за такво нешто“, заврши Симиќ.

Тиквеш во следното коло од Суперлигата, утре на свој терен го пречекува тимот на Прилеп.