Симе Симовски и Скопје спогодбено се разделија

Поранешниот селектор на женската репрезентација на Македонија, Симе Симовски, не е повеќе тренер на суперлигашот Скопје. Симовски и новиот член на елитата се разделија спогодбено, по четири месеци соработка.

До крајот на полусезоната, односно на следните пет натпревари, екипата ќе ја води Андријана Будимир, која беше дел од стручниот штаб како асистент тренер, а минатата сезона го водеше тимот низ дуелите од Првата лига.

Скопје досега забележа 11 порази во 11 натпревари и ќе има тешка задача да обезбеди опстанок во суперлигашкото друштво. Најблиску до позитивен резултат, тимот на Скопје беше на домашниот двобој со Прилеп кога загуби со еден гол, 29-30, како и на гостувањето кај Радовиш (30-28), додека на сите други натпревари претрпе повисоки порази.

Прв предизвик за Андријана Будимир со Скопје ќе биде домашниот натпревар со шампионот Вардар, кој ќе се игра в недела со почеток во 18:00 часот.