Се укинуваат позајмиците и двојните регистрации, за две години ќе има и Втора лига!

Ракометната федерација на Македонија испрати предлог до сите клубови за изгледот на следните натпреварувачки сезони во Суперлигата и во Првата лига.

Во Првата лига годинава се натпреваруваа 17 екипи, а четири од нив ќе играат во Суперлигата догодина – Астраион, Прилеп, Тиквеш и КЛ7, што значи дека во сезоната 2020/2021 би требало да играат 13 екипи, ако нема новопријавени.

Ќе се игра по двокружен систем, вкупно 24 кола (или повеќе ако има повеќе екипи). Првопласираниот во оваа конкуренција ќе игра бараж за пласман во Суперлига со второпласираниот од плеј-аут лигата.

Поразениот од бараж средбата заедно со оние пласираните од второ до четврто место обезбедуваат опстанок во Првата лига, додека сите останати подолупласирани ќе играат во новоформираната Втора лига за сезоната 2021/2022.

Првата лига во 2021/2022 година ќе брои 10 екипи, ќе се игра двокружен систем во регуларниот дел, а првите шест екипи ќе играат плеј-оф за Суперлига и ќе пренесуваат од 5 до 0 бодови, додека останатите четири ќе разигруваат во плеј-аутот и ќе пренесуваат од 3 до 0 бодови. Првите два клуба од плеј-аут ќе останат во Прва лига, третиот игра бараж за опстанок со второпласираниот од Втора лига, додека последниот испаѓа во Втора лига.

Сите новопријавени клубови ќе започнуваат од оваа конкуренција.

Што се однесува до Женската лига, таму продолжува само најсилната конкуренција и нема да има промени во следните сезони.

РФМ даде предлог до УО да бидат укинати меѓусебните трансфери, позајмици и/или двојните регистрации во текот на натпреварувачката сезона помеѓу правните субјекти и нивните подружниците. Играчите ќе бидат пријавени на почетокот на сезоната согласно правилниците за регистрација и истите може да вршат трансфер единствено во преоден рок, односно на полусезоната. Тоа значи дека Вардар и Вардар Јуниор, Металург и Металург 2, како и Еурофарм Пелистер и Еурофарм Пелистер 2, нема да можат да си прават меѓусебни трансфери среде сезона.