„Се помирив со загубата, сите резервации во хотелот се откажани“

Голманот на репрезентацијата на Хрватска кој имаше фантастични изданија на последното Европско првенство, Марин Шего имаше вистинско патешествие на патот да се врати во својата татковина откако започна кризата со коронавирусот.

Тој од Монпелје пристигна во родното Меѓугорје уште во март, а повторно ќе се врати во Франција дури во јуни, но не заради тренинзи и натпревари туку за завршување на формалностите околу платата. Во овој период на корона кризата платите на играчите во Франција ги обезбедува државата.

Освен што се занимава со ракомет, Шего има хотел во Меѓугорје и уште две страсти, мотори и ловење риба. Во овој период возењето мотор му е секојдневие, а знае одвреме навреме да замине на риболов. Ситуацијата со коронавирусот му предизвика голема штета на Хрватот во однос на неговиот бизнис со хотелот кој најверојатно ќе остане празен подолг период.

„Нажалост сезонава хотелот ќе остане затворен. Тешко е да се очекуваат голем број на гости од странство, а исто така и домашни гости кои би требало да поминат по две недели во карантин во Меѓугорје. Сега и светилиштето е затворено па нема големи собири. Се помирив со загубата, сите резервации се откажани“, рече Марин Шего.

Шего со своите изданија беше еден од најзаслужните за успехот на Хрватска на Европското првенство кое се одржа во јануари.