Се огласи Неагу со реакција: Фер-плејот е зборот кој ме дефинира, спортот се игра само на терен

Ракометарката која е капитен на Романија, Кристина Неагу беше спомената од страна на нејзината колешка од Црна Гора, Јованка Радичевиќ дека барала да им биде дозволено да постигнат уште два гола за да се пласираат на Олимписките игри. Сега Неагу има реакција на овие случувања и демантира дека се обидела да изнуди неспортски однос и попуштање.

„Спортот се игра на терен. Таму е местото каде што се доаѓа до победа или пораз и тоа е единственото место каде нешто може да се случи. Мислам дека после толку години кариера на највисоко ниво сите добро ме познаваат дека такво нешто не би направила. Мојата кариера ја изградив со многу напорна работа и жрвтвување. Секој пат кога влагам на терен играм до последниот атом од силите, а така беше и на квалификаците за Олимписките игри. Го сакам и го почитувам спортот што го играм и мислам дека фер-плејот е зборот кој ме дефинира. Така и ќе остане“, вели Неагу.

Свој коментар има и претседателот на Ракометната федерација на Романија, Александру Деду. Тој застана во одбрана на ракометарката.

„Жално е што имиџот на играч како Кристина Неагу е вака нарушен. Таа е вистинска шампионка која играше максимално до последната секунда за Романија да се квалификува на Олимпијадата. Таа играше максимално на натпревар на кој беше очигледно дека не е ништо друго освен натпревар меѓу професионалци од највисока класа. Многупати го ставала своето здравје во ризик за да го оствари сонот и да го брани романското знаме со голема чест“, коментира Деду.

Романија не успеа да се квалификува на олимпискиот турнир откако беше третопласирана во група со Црна Гора и Норвешка, а за обезбедувањето на место беа потребни уште два гола. Инаку, Романија е ривал на Македонија во баражот за Мундијалот во декември.