Се гаси една од најпознатите екипи во Хрватска

Eкипа во која имаат настапувано голем број хрватски ракометни легенди и има финале во Европските купови полека се брише од ракометната карта на Хрватска.

Медвешчак, тимот за кој играле Владо Штенцл, Здравко Зовко, Горан Перковац, Златко Сарачевиќ, Ирфан Смајлагиќ и уште многу други, беше заштитен знак на ракометот во Хрватска.

Клубот поминува низ многу големи проблеми, пред сè финансиски. Сè уште постои надеж дека може да опстане клубот, но според ситуацијата шансите се многу мали. Полека екипата ја стигнува судбината на многу други спортски тимови во Хрватска кои се распаѓаат како резултат на недоволно финансиски средства и долгови.

Екипата минатата сезона беше на чекор од испаѓање од Првата хрватска лига – север, спасот беше коронавирусот кој го прекина првенството, инаку Медвешчак се наоѓаше на претпоследното место.

Ќе биде голема штета доколку хрватите дозволат да згасне клубот каде што играле најголемите ѕвезди на тамошниот ракомет. Медвешчак има богата историја, четирипати бил шампион на Југославија, а седумпати бил победник во купот. Исто така бил финалист во Купот на шампионите во 1965 година.

Очигледно е дека никој повеќе не се сеќава на овие успеси на клубот, па во најскоро време можеме да очекуваме и информација за конечно гасење на клубот.