Серафимов: Напролет може да ги разочараме само другите тимови од Супер лигата

Во онлајн гласањето спроведено од страна на читателите на 24Ракомет од 13 јануари до 31 јануари учествуваа над 32.000 лица кои гласаа за својот избор. Покрај најдобрите 7 играчи беа избрани и најдобар дефанзивец, најдобар млад играч и најдобар тренер во регуларниот дел од сезоната. Ви ги претставуваме победниците во секоја категорија. Во конкуренција за најдобар десен бек победи ракометарот на Металург, Мартин Серафимов

Репрезентативецот на Македонија, кој настапува на позицијата десен бек, Мартин Серафимов со тимот на Металург се пласираше во плеј-оф лигата и ќе се бори за ново излагање во Европа. Тој се најде во изборот на најдобрите ракометари на неговата позиција во Супер лигата.

По завршувањето на есенската полусезона, односно регуларниот дел од Суперлигата, читателите на 24Ракомет го избраа идеалниот тим на полусезоната. 24Ракомет, единствениот специјализиран спортски портал посветен на ракометот во соработка со нашите пријатели од „ИЗВОРСКА“ ви овозможи да гласате за најдобрите ракометари во првиот дел од сезоната.

Серафимов собра најмногу гласови од читателите на 24 Ракомет од вкупно над 32.000 колку што гласаа во нашата анкета.

„Пресреќен сум поради тоа што вљубениците во ракометот ме изгласаа и ова ми значи многу. Ова ќе биде од големо влијание за мене во текот на сезоната, но и за во иднина ќе ми даде голем мотив за да продолжам со уште посилна работа понатаму“, рече Мартин Серафимов за 24 Ракомет.

Металург се соочи многупати со проблеми со позитивни случаи на Ковид 19, а и во моментов ги има истите проблеми бидејќи дел од ракометари се позитивни.

„Според мене и не беше така лошо бидејќи мора да се има предвид ситуацијата со Ковид. Имавме многу играчи кои во лошо време беа во изолација, а и сега на последното гостување во Русија кај Чеховски медведи бевме без Тарабокија и Лазаревски. Претходно кога игравме со тимот на Фиверс го немаше и Поповиќ. Точно е дека има замена во тимот, но нивното искуство секако беше потребно на теренот. Со нив во тимот би имале и далеку попозитивен резултат. Јас искрено се надевам дка работите ќе се подобрат и сè ќе се движи во една далеку поинаква и подобра насока во продолжение на сезоната“.

Првиот натпревар во 2021 година беше против составот на Чеховски медведи во Русија каде што металурзите не беа комплетни.

„Натпреварот со Чеховски медведи не беше мое најдобро издание. Знам дека можам да дадам и да покажам многу подобра партија на теренот. Од големо искуство за мене беше и настапот за репрезентацијата на последното Светско првенство. Самото присуство таму и играњето за сениорската селекција ми даде еден сосема друг поглед кон ракометот. Сега добив голема шанса и од Металург бидејќи можам да играм цел натпревар. Многу ми значи ова и многу сум благодарен за овој момент. Сметам дека сè ќе оди на подобро. Ова сега не е вистинскиот лик. Откако ќе се среди сето ова со повредите и со коронавирусот ќе бидеме многу подобри“.

Серафимов е оптимист за она што претстои во пролетниот дел од сезоната бидејќи следува дел од сезоната каде што ќе треба да се оди во битка за титулата.

„Мислам дека многу луѓе прерано го отпишаа Металург од трката за висок пласман во плеј-офот од Супер лигата. Тимот полека се средува. Нашиот нов соиграч е веќе тука и тренира со нас. До почетокот на натпреварите ќе имаме доволно време за да се средиме и да го покаже најдоброто. Во моментов можам да кажам дека единствените кои можеме да ги разочараме се другите тимови. Јас сум оптимист и сметам дека секогаш така треба да се гледа на работите. Ако се стремиш кон успех, секогаш ќе го добиеш она што го посакуваш“.

Серафимов е веќе дел од сениорската репрезентација со која веќе забележа настап на две големи натпреварувања од кои последното беше во Египет минатиот месец.

„Не го чувствувам тој притисок, но подготвен сум да ја понесам одговорноста. Најмлад сум меѓу бековите во сениорската репрезентација, но чекор по чекор ќе дојде времето кога ќе треба да го наследиме Лазаров. Мислам дека и после неговото повлекување позицијата десен бек нема да биде заспоставена. Јас и Велковски можеме да одговориме на барањата и верувам дека ќе успееме да го направиме тоа најдобро што може“, коментираше Серафимов за 24 Ракомет.

Во есенскиот дел од сезоната тој постигна 47 гола во Супер лигата со кои беше меѓу оние кои се поефикасни во тимот на Металург и во најсилната лига.