Серафимова: Се надевам и ние ќе ја израдуваме јавноста како мажите со триумфот над Данска

Женската репрезентација на Македонија ја очекуваат квалификациски натпревари за пласман во баражот за Светското првенство во Шпанија.

Голманката Матеја Серафимова очекува и сениорките да ја израдуваат македонската јавност со победи каков што беше случајот со момците кои ја победија Данска.

„Играме три натпревари во три дена, како домаќини имаме голема предност, нормално е дека мала слабост бидејќи ќе немаме поддршка од публиката. Но, максимално сме подготвени да дадеме се од себе, да се израдуваме како машката репрезентација со победата над Данска, зошто и ние да не ја израдуваме јавноста. Временскиот период за подготовка беше краток, заедно сме четири дена, но се подготвуваме со видео-снимките пред тренинзите, максимално сме фокусирани и мотивирани, се надевам дека ќе имаме позитивен резултат на сите три меча. Пред стартот на мечевите не можам ништо да коментирам, но мислам дека против сите три репрезентации имаме шанси да дојдеме до победа, да се носиме со сите. Имаме искуство со Исланд, најголем акцент ставаме на тој меч, фокус ставаме и на сите останати, се надевам дека се ќе биде како што треба“, вели Серафимова.

Трите меча против Исланд, Литванија и Грција, нашата репрезентација ќе ги игра во СЦ „Борис Трајковски“ од утре до недела со почеток во 17:00 часот.