Серафимова: Нема да кренеме бело знаме, ќе се бориме на двете средби против Романија

Од вчера стартуваа подготовките за баражот за Мундијалот, а Македонија на средината на април ја очекуваат пресметки со селекцијата на Романија против која ќе биде максимално тешко и на двете средби.

Ракометарките го знаат тоа, но покрај тоа што го респектираат противникот се и свесни дека имаат квалитет за да се надигруваат и ќе се обидат да го покажат најдоброто на теренот.

„Романија е квалитетна репрезентација која игра модерен и брз ракомет. Редовно е на големите натпреварувања. Се разбира дека нема да го кренеме белото знаме. Оптимисти сме и ќе се бориме на двата натпревари. Ќе одиграме максимално, а со дисциплинирана одбрана и добро организиран напад верувам дека ќе прикажеме одлични натпревари“, вели голманката Матеја Серафимова.

Таа и колешките за помалку од месец одново ќе се соберат и веќе на 16 или 17 април ќе го имаат првиот натпревар против Романија на гостински терен, додека три или четири дена подоцна ќе ги одмерат силите во Македонија на реваншот.