Сензација на стартот – Драчево може да жали што испушти победа, Аеродром се врати од бездната!

Новата сезона во Првата лига стартуваше со сензација. Еден од фаворитите за место во плеј-офот и баражот за елитната конкуренција, Аеродром, ремизираше во првото коло со тимот на Драчево, 27-27.

Новиот прволигаш беше на прагот на победата, имаше 19-27 во 47. минута, но до крајот на мечот не постигна ниеден гол, а прими дури осум и на крајот може да жали што загуби два бода.

Избраниците на Велимир Настески отворија со водство од 1-4, но аеродромци направија пресврт и поведоа со 5-4, но тука и застанаа. До крајот на првиот дел Драчево успеа да направи предност од плус седум, 9-16, но на пауза се замина со 10-16.

Драчевци до 47. минута ја одржуваа високата предност, имаа плус осум 19-27, но потоа како да застанаа. Аеродром беше упорен и до крајот успеа да постигне осум погодоци, а да не прими ниту еден, па мечот заврши со реми, 27-27.

Најдобри стрелци во тимот на Аеродром беа Климент Ефтимов со девет голови, а Иван Митревски додаде уште пет. Во составот на Драчево се истакнаа искусните Бобан Андовски и Александар Димовски со по седум погодоци.