СЕНЗАЦИЈА во Доха: Катар загуби од Бахреин, нема да игра на Олимписките Игри!

Ракометарите на Катар се простија од настапот на Олиписките игри во Токио 2020 после неочекуваниот пораз на домашен терен од репрезентацијата на Бахреин. Во полуфиналето од олимискиот турнир Бахреин го совлада Катар со 28:26, на полувреме 16:15.

Според правилата, победникот на турнирот обезбедува директен пласман на Олиписките игри, а финалистот ќе има уште една шанса да обезбеди виза за игрите преку квалификациите. Според ова екипата на Катар ги загуби сите шанси за пласман после поразот во полуфиналето.

Во другото полуфинале репрезентацијата на Кореја беше подобра од Саудиска Арабија со 29:26, полувреме 17:12 и со тоа се доближи до пласман на ОИ. Финалниот натпревар помеќу Кореја и Бахреин ќе се одигра на 26 октомври во Доха по што ќе биде познат патникот за Токио.

Поразот на Катар е големо изненадување ако се знае дека скоро во најсилен состав беше тимот предводен од Валеро Ривера, играа Шариќ, Капоте и останатите натурализирани репрезентативци.