Селекторот реши: „Уште имам понуди за да играм, но…“

Капитенот и селектор на Македонија, Кирил Лазаров ја игра последната сезона во редовите на Нант и барем засега останува на ставот ова да биде сезоната во која ќе ги одигра последните натпревари и потоа ќе се посвети целосно на тренерската работа.

Во своите коментари денеска потврди дека и понатаму е интересен за другите клубови, а не коментираше ништо околу тоа дали е во план за наследник на Ентрериос на клупата на Нант.

„Сè уште имам понуди за да играм. Се работи за клубови од втор ешалон, но тоа нема да се случи. Добро е кога те бараат, а иднината не може да се предвиди. Не сакам да кажам нешто и да испаднам несериозен. Имам идеја и концепција и ќе се држам според неа. Мислам дека најмногу поради Ковид ја продолжив кариерата бидејќи не сакав да се простам од игрите во клуб и репрезентација во празна сала. Никогаш не знаеш што доаѓа. Сепак, се држам до тоа дека може нешто да се случи и да ме измести од колосек“, изјави Лазаров.

Тимот каде што игра во моментов има промени, а тренерот Ентрериос се сели во Лимож.

„Во Нант се случија некои работи и ќе има промени. Тоа е голем клуб, тоа е тим на иднината. Лимож е исто така добар проект. Гради нова сала, има 7-8 екипи од Франција кои ќе бидат на исто ниво за 2-3 години, а имаат и големи буџети“, коментираше Лазаров.

Што ќе се случува на тема Нант секако ќе биде познато во следниот период, а добрите резултати со Македонија секако дека можат да бидат и знак за работа како тренер и на клупски план.

Целосната изјава на Лазаров прочитајте ја во продолжение…

Лазаров: Имаме јасна идеја како да одиме напред