Селекторот на Чешка од хотелската соба: Оние што ќе бидат здрави ќе се качат во авионот за Египет

И двајцата селектори на Чешка се наоѓаат во карантин од 2 јануари, а своите обврски засега не можат да ги извршуваат според планираното.

Сепак, и покрај тоа што се соочуваат со големи проблеми поради големиот број на позитивни ракометари кои нема да можат да настапат на шампионатот бидејќи ќе треба уште десет дена да се во карантин, постојат надежи дека ќе се учествува на шампионатот.

Селекторот Јан Филип даде изјава за медиумите во Чешка во која го искажа својот оптимизам дека ќе можат со сосема нов тим да се најдат на шампионатот доколку ИХФ им дозволи да го прошират тимот од 35 играчи.

„Здравјето на ракометарите е апсолутно примарно. Сепак, втората работа кон која се стремиме е да одлетаме за Египет. Во моментов нашите тренинзи се нарушени. Не можеме да работиме, а тоа сигурно ќе има ефект. Една недела без тренинг некако и може да се преживее и не ни останува ништо друго. Постои шанса да дојдат нови ракометари кои не играле толку многу за националниот тим и немаат искуство, а ова би им била убава шанса за да се најдат на ваков шампионат“, изјавува Филип.

Тој е оптимист дека ќе успеат да добијат дозвола од ИХФ и дека ќе успеат во последен момент да номинираат други играчи и да заминат на Мундијалот.

„Тимот сака да оди на СП и ќе се потрудиме по секоја цена да го оствариме планот. Веќе имаше федерации кои повикаа играчи надвор од 35-те номинирани. Можеме во секое време да номинираме други играчи, но многу работи се менуваат во еден час. На крајот, оние што ќе бидат здрави ќе се качат во авион и ќе заминат. До последен момент може да се смени сè. Не само кај нас, туку и кај сите други репрезентации“, коментира Филип.

Чешка е во група со Египет, Шведска и Чиле, а доколку не успее да отпатува тогаш се отвора патот за Македонија за ново учество на Светските првенства.