Селекторот на Норвешка пред клупски ангажман: „Никогаш не вели никогаш“

Стратегот од Норвешка, Кристијан Берге веќе седма година работи како селектор на сениорската репрезентација на оваа земја, но веќе постои можност да си најде и нова клупска задача. Тој е на мета на тимот на Рајн Некар каде што немаат многу среќа после заминувањето на Николај Јакобсен.

Кристијан Берге би бил добар избор за составот на Рајн Некар бидејќи се работи за добар стратег кој може да донесе стабилност на тимот. Сепак, проблем е фактот што има договор со Ракометната федерација на Норвешка до 2025 година.

Сепак, самиот вели дека е заинтересиран да ги сослуша предлозите на тимот на Рајн Некар.

„Сфатив дека никогаш не треба да се каже никогаш. Разговарав со претставници на Рајн Некар. Морам да кажам дека има уште многу да се направи пред да се стане главен тренер на овој клуб“, коментираше Кристијан Берге.

Тренерската кариера ја почна во редовите на Архус во 2007 година каде што една сезона беше и тренер и играч. Потоа се пресели во Елверум каде што беше од 2008 до 2014 година. До 2011 година тој беше и тренер и играч во Елверум, а потоа се посвети само на тренерската работа и во 2014 година доби можност да стане селектор на Норвешка со која освои две сребра на Мундијалите во 2017 и 2019 година и бронза на Европското првенство во 2020 година.