Селекторот е во карантин, ги води тренинзите преку Скајп

Репрезентацијата на Романија се подготвува за квалификациите за Олимписките игри во Токио, а уште на почетокот на подготовките се соочуваат со проблеми бидејќи селекторот Адријан Василе се наоѓа во карантин.

Без него на тренинзите не е лесно, но беше пронајден начин како да има контрола над ракометарките кои се дел од националниот тим на Романија.

„Тешко е без Ади, но со помош на технологијата тој беше со нас. Ни се придружува секој ден, беше со нас и во теретана, но и разговравме со него после секој тренинг. Работевме неколку дена и се обидовме да го дадеме максимумот. Секој ден на тренинг се доближуваме до целта која сакаме да ја постигнеме на олимписките квалификации“, вели пивотот Крина Пинтеа.

Репрезентацијата на Романија е во Групата 3 заедно со селекциите на Црна Гора и Норвешка. Средбите се играат од 19 до 21 март во Подгорица.