Селекторот Брестовац со главоболки – некои играчи тренираат аме не играат, и не се добро искористени во клубовите

На поширокиот список ќе се најдат 35 ракометари после дозволата од ЕХФ да биде проширен играчкиот ростер поради сето она што се случува во моментов со пандемијата на Ковид 19.

Сениорската репрезентација на Македонија во машка конкуренција се наоѓа пред нови предизвици, а на 4 и 7 ноември ќе треба да одигра две средби од квалификациите за Европското првенство во 2022 година. Ривали се Финска и Швајцарија, а времето е кратко.

Во време на Ковид 19 кога не може ништо да се знае до последен момент е тешко да се направи и списокот, па селекторот Данило Брестовац се наоѓа во незгодна ситуација бидејќи мора да го одбере најдоброто од играчите кои во моментов се во можност да настапат.

Ситуацијата е иста за сите, но во моменти кога има ракометари кои се позитивни на Ковид 19, како и играчи кои немаат натпреварувачка форма бидејќи некои од нив уште немаат одиграно официјален натпревар од стартот на сезоната сето тоа ќе влијае и на формата на националниот тим.

Селекторот Данило Брестовац има јасна слика и останува да се види каков ќе биде составот на играчите на кои ќе смета за двата дуели во ноември.

„Нема да имаме некои можности за менување. Ќе се обидеме со повеќе ротации да го надоместиме она што се појавува како проблем поради коронавирусот. Тоа е исто за сите и тука не можеме ништо да промениме. Мене ме загрижува повеќе моментот што Танкоски е повреден. Тоа што Мишевски нема минутажа во Вардар како што очекував особено после она што го прикажа на Европското првенство. Сметам дека не е добро искористен во Вардар“, вели селекторот на Македонија, Данило Брестовац.

Во целата ситуација, сепак, селекторот е задоволен и од формата на дел од играчите односно од тоа каква игра покажуваат од почетокот на сезоната.

„Досега успеав да видам одредени позитивни работи. Талески покажа солидна игра на последниот натпревар против Флензбург. Кузмановски напредува добро и сметам дека направи правилен потег во моментот кога одлучи да направи промена на клубот. Во моментов имаме и два добри голмани кои се во добар ритам како Томовски и Митревски. Ме радува и формата на Дејан Манасков, но ме загрижува неиграњето на Гоце Георгиевски. Исто така и на Димитар Димитроски, кој е во тренажен процес, но спорен е натпреварувачкиот дел бидејќи игра на минимум“.

Малку е лош моментот што дел од играчите кои ги планира од Еурофарм Пелистер. Тие долго време се без официјален натпревар.

„Тоа е проблем во моментов. Играчите кои ми се во план од Еурофарм Пелистер се без официјален натпревар повеќе од пола година. Знам дека се добро подготвени на физички план, но едно е да си во тренажен процес, а нешто сосема друго во натпреварувачки ритам. Затоа ми треба можност да видам како функционираат играчите на натпревар. Сакам да видам колку Кукоски може да ни помогне на натпревар и колку можам да се потпрам на него. Сакам да видам и каква е формата на Никола Маркоски, кој имаше повреда. Имаме одличен трилинг на пивоти и сакам да видам како функционираат особено кога знам дека Столе е во одлична форма и одигра фантастичен натпревар против Флензбург. Пешевски исто така игра во одлична форма. Танкоски го знам одлично уште од дете. Мишевски исто така. Сепак, ми треба сите да ги видам како изглдаат на терен и во каква форма се. Физичката подготовка е добра кај сите и не е проблем бидејќи се работи професионално во сите клубови, но колку ќе можат играчите да покажат во четири дена на две средби“.

Во ваква ситуација кога и Мартин Серафимов е под прашалник поради позитивниот тест на коронавирусот останува да се види како ќе изгледа бековската линија.

„Ќе мораме веројатно задната линија да ја комбинираме со 4-5 ракометари. Не знам колку време Серафимов ќе биде во изолација исто како што не знам ниту дали ќе биде во тренажен процес пред натпреварите со Финска и Швајцарија. Доколку не може тука е Велковски, но тој се вклопува во сето она што е кажано веќе за играчите кои се во Еурофарм Пелистер. Ситуацијата е незгодна и ќе морам да почекам до последен момент за да видам на кого можеме да се потпреме пред да го го дадам конечниот список“.

Според распоредот првиот натпревар се игра на 4 ноември во Скопје против Финска, а три дена подоцна се гостува во Швајцарија.

„За нас е добро тоа што првиот натпревар го играме против Финска на домашен терен. Ќе може да се направат првите тестови и да бидеме во мала изолација во хотел каде што ќе се подготвуваме за средбите. Одлично е тоа што прво ќе играме дома и ќе имаме време потоа да ги поправиме недостатоците пред средбата против Швајцарија. Анализите ни се веќе подготвени така што се подготвуваме за овие два дуели и секако следиме што се случува со составите“.

На поширокиот список ќе се најдат 35 ракометари после дозволата од ЕХФ да биде проширен играчкиот ростер поради сето она што се случува во моментов со пандемијата на Ковид 19. Инаку, следната седмица се очекува да има скратен список на играчите кои треба да се појават на собирот на 2 ноември.

„Планот е да се собереме на 2 ноември, но доколку е во можност ќе го направиме тоа ден два порано. Ќе имаме малку време за да се комплетираме и да одработиме комплетни повеќе тренинзи. Ќе мора да се прават и тестови за Ковид 19 и пред првиот натпревар и пред патувањето за Швајцарија. Секако и од нив ќе зависи и составот и за првиот меч и за гостувањето“, коментираше селекторот на Македонија, Данило Брестовац за 24 Ракомет.

Во групата 7 каде што е Македонија, покрај селекциите на Финска и Швајцарија се наоѓа и Данска. Против оваа селекција, Македонија би трбало да игра на средината на март следната година.