„Секогаш и секаде ја носам фотографијата со Дувњак“

Еден од ракометарите кои оставија најдобар впечаток на последниот дуел на репрезентацијата на Хрватска е Иван Мартиновиќ кој за разлика од неговите брат и сестра се одлучи да настапува за репрезентацијата на Хрватска.

Мартиновиќ е роден во Виена, а таму започнува и неговиот ракометен пат. Младинските категории ги помина во Фиверс, а потоа три години настапуваше за првиот тим. Во 2018 година прв пат замина во Бундес лигата во екипата на Гумерсбах.

Одличните игри беа препорака за трансфер во нов бундеслигаш, следуваше трансфер во Хановер каде што сега настапува со Филип Кузмановски. Мартиновиќ иако е роден во Австрија одлучил да настапува за Хрватска за разлика од неговите брат и сестра. Голема улога за оваа одлука имаат и Дувњак и Балиќ.

„Уште од кога бев дете мои идоли беа Дувњак и Балиќ, кога за прв пат добив повик во репрезентацијата за ЕП 2020 мој цимер беше Дувњак што беше големо воодушевување за мене. Со себе секогаш ја имам фотографијата со него од Виена во 2010 година, му ја покажав а тој не можеше да поверува“, сподели Мартиновиќ во интервју за vecernji.hr.

Иван Мартиновиќ не ги следеше одлуките на неговите брат и сестра кои настапуваат за Австрија, па е единствениот од семејството кој игра за Хрватска.

„Брат ми Марин и сестра ми Кристина играат ракомет за Австрија, а јас ја избрав Хрватска. На почетокот целта ми беше да игра со мојот брат, но тој е постар од мене и тогаш мене не ме повикаа во австриската репрезентација. Бев многу млад и недоволно добар. Заминав на ракометен камп во Задар каде што ме забележаа тренерите и ме повикаа за прв пат на подготовики“, рече Мартиновиќ.

Иван беше еден од клучните на Хрватска во младинските категории, со кадетите во 2016 година го освои Европското првенство, додека со младинците на Светското првенство во 2019 година освои сребрен медал.