Седум ракометари заминаа од Струга!

Тимот на Струга во последните три кола од суперлигашкиот плеј-оф ќе биде значително ослабен.

Тројцата интернационалци Вук Лакичевиќ, Богдан Николиќ и Вукашин Ракочија, како и Мартин Јовановски, Игор Илиевски, Славиша Димитријески и Пеце Рајатовски, не се повеќе членови на Струга. Црногорецот Лакичевиќ веќе подолго време е во родната Црна Гора, а за следната сезона потпиша со швајцарскиот Сент Гален, иако требаше да остане во Струга.

Управниот одбор на клубот донел одлука Николиќ, Ракочија, Димитријески, Рајатовски, Илиевски и Јовановски, да бидат ослободени од обврските кон клубот, па затоа на вчерашниот дуел во Битола со Еурофарм Пелистер 2, стружани настапија само со ракометари по потекло од Струга.

Неофицијално, играчите поради четири неисплатени плати не тренирале, иако се појавувале на тренинзите, а биле незадоволни и поради ветени, а неисплатени премии. Во меѓувреме исплатени се две плати, но со одлука на клубот, ракометарите се казнети од последната плата за мај поради недоволно залагање и нема да го носат повеќе дресот на Струга.

Струга можеби по малку и изненадувачки обезбеди пласман во разигрувањето за титулата, иако првичите цели беа опстанок во елитното друштво. Уште отсега, за следната сезона се најавуаат високи амбиции и веќе се почнати разговори со дел од потенцијалните засилувања.