Седлоска освои трофеј, со Локомотива се радуваше во Купот на Хрватска

Репрезентативката на Македонија, Андреа Седлоска и нејзината екипа Локомотива во финалето од Купот на Хрватска беа подобри од Подравка со 27:23 и се израдуваа на долго посакуваниот трофеј, последен пат Локомотива беше победник во хрватскиот куп во 2004 година.

Најзаслужна за победата беше голманката на Локомотива, Луција Бежен која имаше 16 успешни интервенции, а нејзината колешка, Дора Калаус ги предводеше стрелците со шест гола. Седлоска во финалниот натпревар не успеа да се запише во листата на стрелци.

Освен во Хрватска, финале од домашните купови имаше во Унгарија и Германија.

Во финалето од Купот на Унгарија, Ѓер славеше против Дебрецен со 29:23. Третото место го освои составот на ФТЦ Будимпешта по победата над Кишварда од 28:21.

Битигхајм го освои Купот на Германија откако во финалето беше подобар од Розергартен со резултат 27:22.