Светскиот првак прочитан, Македонија има огромни плус четири на полувреме

Репрезентацијата на Македонија со Кире Лазаров како селектор тргна со одлични 30 минути против светскиот првак Данска и има предност од 17:13 на паузата што е најава за одличен натпревар во кој сигурно ќе има што да се види и во второто полувреме.

Од почетокот на средбата се виде ангажирана игра на репрезентативците на Македонија. Влегоа сигурно и многу борбено особено во одбраната. За секоја топка имаше голема борба и не се дозволуваше лесно да се дојде до простор за шут.

Лазаров имаше подготвено тактичко изненадување бидејќи во средбата влезе во талески-кумановски-велковски на бековската линија, а тој заедно со Стоилов и Миркуловски остана на клупата.

Од почетокот на средбата Македонија наметна темпо во кое лесно се создаваше предност и постојано се чуваше водство од гол до два. Митревски беше добра поддршка за одбраната бидејќи успеа особено крилата на Данска да ги откаже и да им стави до знаење дека денеска тешко ќе можат да го совладаат.

Лазаров влезе во игра во 12 минута, две минути подоцна и Миркуловски и Стоилов и тука веќе се стабилизираше предноста на два гола. Во 20. минута веќе беше 12:8 и овде се најавуваше убав резултат за Македонија. Светскиот првак не можеше да се снајде против расположените ракометари на Македонија и ова влијаеше на резултатот.

Одлични 20 минути имаше Филип Талески кој беше најефикасен со четири гола и го водеше нападот така што ова создаваше одлична разлика и простор и за Манасков. Добрата игра продолжи и во завршницата од првото полувреме кога беше одржана високата предност, за на одмор да се замине со 17:13.

После првите 30 минути Филип Талески е најефикасен со пет гола, три има Велковски, а по два гола имаат Манасков, Пешевски и Лазаров. Кузмановски, Миркуловски и Стоилов постигнаа по еден гол. Микел Хансен со пет гола е прв стрелец во редовите на Данска.