Ристовска, златните кадетки и Благоеска-Петрушева со признанија на „Златна Олимпија“ (ФОТО)

Колумнистката на „24ракомет“ - Билјана Благоеска Петрушева доби специјално признание за особен придонес кон спортското новинарство. Нејзините анализи и коментари можете да ги читате секој понеделник во „седмерец“.

Во организација на Македонскиот олимписки комитет се одржа првото издание на манифестацијата „Златна Олимпија”, доделувањето награди за најуспешните жени во спортот.

Од ракометот имаше победници во две категории, а специјално признание доби и колумнистката на 24Ракомет.

Десното крило на македонската репрезентација и ЦСКА Москва, Сара Ристовска, беше прогласен за најдобра спортистка во екипните спортови. Таа оваа година беше вицепрвак на Русија и стигна до Ф4 во Лигата на шампионите.

Поради клупски обврски таа е во Русија, па се обрати преку видео порака, а наградата ја прими нејзиниот татко.

Кадетската женска репрезентација, која го освои златниот медал на ЕХФ шампионатот во Литванија, беше прогласена за најдобра женска селекција.

Жирито на овој настан беше составено од спортски новинари, нашите две колешки од 24Ракомет Весна Николовска и Билјана Благоеска Петрушева, Марија Ковачева, Наташа Станчиќ, Ирена Андреевска , Aнгела Рајчевска и Владко Арсов.

Благоеска Петрушева доби специјално признание за особен придонес кон спортското новинарство.