Салиу и Бошковски доволни за победа на Јехона против Преспа

Ракометарите на Јехона на свој терен беа подобри од Преспа со 32:28 во натпревар од Првата лига од Групата А. Јехона со трите освоени бодови од овој дуел останува во игра за прволигашкиот плеј-оф.

Гостиварци од првата па сѐ до последната минута беа во водство и во ниту еден момент од натпреварот не дозволија неизвесност. Фуриозните 6:0 на домаќините беа добар показател како ќе се движат работите во текот на овој дуел. Гостите од Ресен имаа проблеми со организацијата во нападот и со неколку направени технички грешки дозволија нивниот противник да има предност од 8:1. До крајот на првото полувреме играта кај ракометарите на Преспа беше подобра, но поради лошиот старт мораа на полувреме да имаат негатива од минус четири, 11:15.

Јехона во второто полувреме водеше со девет разлика и поради големата предност имаше мало опуштање кај избраниците на Фари Селмани. Екипата на Преспа се разбуди во завршниот дел, направи серија од 5:0 и намали на 28:32, но време за пресврт немаше, па така бодовите од овој натпревар останаа кај домаќинот во Гостивар.

Најефикасни од редовите на победничката екипа беа Адис Салиу со десет и Стефан Бошковски со шест погодоци. Во Преспа најефикасен беше Андреј Божиновски со девет погодоци.