„Сакам да учам во Шпанија, но за 37-годишен тренер Барселона не е цел“

Поранешниот репрезентативец на Унгарија, Габор Часар од 2015 година настапува во Швајцарија, во екипата на Кадетен Шафхаузен. Тој во јуни ќе полни 36 години и покрај тоа што игра активно започна и тренерска кариера.

Часар работи со вториот тим на Кадетен и за во иднина се подготвува за тренерска кариера. Во интервју за nemzetisport.hu Унгарецот говореше за сезонава, неговите планови за иднината и за тренерската кариера.

„Многу е добро што веднаш по започнувањето на кризата со коронавирусот знаевме дека сезоната е завршена. Тоа е много подобро отколку да се трудиме да остнаме во форма два месеци и потоа да дознаеме дека нема да играме. Ја прифатив ситуацијата, но она што ми пречи е неизвесноста до кога ќе трае ова. Разговарав со некои менаџери и играчи на други екипи, има клубови каде што тешко ќе се борат за да преживеат некако следниве месеци. Државата одлучи да ни бидат намалени платите за 80 проценти што е голема помош за клубовите. Се надевам дека од следнаа сезона ќе се вратиме во нормала. Јас планирам да играм додека телото ми дозволува, сè уште не сакам да ставам крај на кариерата“, вели Часар.

Тој исто така зборуваше за неговата тренерска кариера и можноста да се врати во неговата татковина и таму да ја заврши кариерата. Како еден од можните клубови се споменува Балатонфуреди.

„Ни се допаѓа во Швајцарија и не сме одалечени многу од Унгарија и семејството. Мислам дека поради мојот тренер ќе останам уште една година тука, а потоа ќе побарам клуб каде што можам да учам како тренер. Би сакал тоа да биде Шпанија, но за тренер од 36 или 37 години Барселона не е целта. Во однос на моето враќање во Унгарија, одамна си заминав и можеби луѓето ме имаат подзаборавено, но би сакал повторно да го почувствувам унгарсккиот ракомет“, заврши Часар.