Сагосен одличен, со 11 гола го водеше Кил до победа кај Алборг

Шампионот на Германија, Kил, имаше сигурно издание во 5. коло од Лигата на шампионите на гостувањето во Данска кај Алборг, каде обезбеди победа од 31:23.

Бундеслигашот го имаше почетното водство, поведе со 2:0, а потоа и со 6:2 и уште на самиот старт имаше добра предност. И во продолжението Кил имаше контрола на резултатот, а после 20 минути игра имаше водство 10:5.

Тренерот на Алборг се обиде да смени во нападот, но тоа не беше најдобра одлука. Алборг започна со напад седум на шест што ракометарите на Кил лесно го искористија. Данците направија неколку грешки во напад, а Кил казни и се одлепи на осум разлика. На полувреме гостите имаа предност 9:17.

Вториот дел Кил го отвори со серија 3:0 и веќе имаше двоцифрено водство. Во продолжението најчесто се играше гол за гол, а Алборг беше немоќен да се врати во натпреварот. До крајот на мечот избраниците на Филип Јиха лесно стигнаа до победата и до нови бодови.

Најдобар играч на натпреварот беше Сандер Сагосен со 11 гола, Никлас Екберг постигна шест погодоци, а по двапати за Кил погодија Зарабец, Дувњак и Рајнкинд. Во екипата на Алборг, Самуелсон со пет гола беше најефикасен пред Јул-Ларсен со три гола.