Сагосен: За ова сонував уште кога имав пет години

Бундеслигашот Кил е новиот европски шампион и наследник на Вардар. Момците на Филип Јиха славеа над Барселона со 33-28 и се искачија на врвот.

Левиот бек на „зебрите“, Сандер Сагосен, вели дека е многу тешко да се игра против Барселона, но дека тие подготовиле одлична тактика за каталонскиот гигант.

„Ние игравме два пати против Барселона оваа година, но многу е тешко против нив. Одигравме добро тактички, седум на шест, ги запревме нивните брзи контранапади. Ова е тоа за што сонував уште кога имав пет години, а сега сум со златниот медал на моите гради. Секако дека жално е што немаше публика, но ние создадовме некоја атмосфера овие два дена. Горд сум, уморен сум и среќен сум. За несреќа не можеме да прославиме со нашите фанови, но се надевам тоа ќе го сториме кога ќе заврши пандемијата“, вели Сагосен.

Тој сега ќе се приклучи на националниот тим на Норвешка, со кој го очекува настапот на Светското првенство во Египет.