РФМ на пет дена пред првенството сака да гo смени системот на бодување!

Дел од клубовите што го добиле предлогот, веднаш одговориле негативно сметајќи дека „на пет дена пред првенството не може да има предлози за начин на бодување“. Други клубови сметаат дека „ваква одлука треба да се носи најмалку една година однапред“. Но, некои клубови дале и свој предлог

Ракометната федерација на Македонија „на мала врата“, се обидува да промени Пропозиции барајќи од клубовите на пет дена дена пред почетокот на првенството да изгласаат промена на бодувањето. Во сите првенства според Пропозиците сега се доделуваат 3 бода за победа и 1 за реми. РФМ побара од екипите да се изјаснат писмено преку електронска пошта дали се согласуваат да има нов систем на бодување.

За евентуална промена на системот на бодување се спомна на последното Собрание, како барање на некои женски екипи, и тоа на нивната конференција на клубовите. Собранието не разговараше за таа тема, па се остави за тоа да се размислува понатаму понатаму да се разговара.

Немаше ниту дебата и образложение, зошто се бара промена на системот и што ќе донесе враќањето на стариот начин на бодување. Клубовите останаа без одговор дали ќе има промени и во бројот на бодови што ќе се пренесува во плеј-офот, или тој останува ист?

Според сегашниот систем на бодување, првопласирана екипа од регуларниот дел пренесува 3 бода, вториот 2 бод, третиот 1 и четвртопласираниот е без бодови.

Ако oстане истиот систем на пренесување на бодови, со новиот систем на бодување екипата што билa прва во својата група во регуларниот дел од првенството ќе има уште поголема предност во однос на оние со помалку бодови. Досега теоретски со само една победа може да се анулира таа предност, па дури и оние со помалку бодови побрзо да се вклучат за повисок пласман. Ако се примени стариот систем на бодување ќе бидат потребни повеќе меча во директен дуел за да се надомести некој загубен бод. Така се намалува неизвесноста.

Два дена по Собранието, во електронската комуникација на РФМ со клубовите, повторно нема никакво образложение, кои клубови барале промена и зошто се бара промената? Едноставно се бара само да се изјасанат: Дали сте за или против овој предлог?

На клубовите им се нуди враќање на стариот систем на бодување, односно 2 бода за победа и 1 бод за реми, и нула бодови за загубен натпревар.

Дел од клубовите што го добиле предлогот, веднаш одговориле негативно сметајќи дека „на пет дена пред првенството не може да има предлози за начин на бодување“. Други клубови сметаат дека „ваква одлука треба да се носи најмалку една година однапред“. Но, некои клубови дале и свој предлог.

„Она што може да се промени е при нерешен резултат да се одигуваат пенали. Победникот во пенали да пренесува 2 бода, а оној што ќе игуби да пренесува 1 бод“, предлага еден суперлигашки клуб.

Откако не помина предлогот за драстично кратење на лигата од сегашните 16 екипи на 8 екипи, ова е втор предлог што РФМ го става на маса пред клубовите, а тие речиси едногласно го одбиваат.