Русите се враќаат на СП: Едвај чекаме да соработуваме со „лошото куче“

Репрезентацијата на Русија поминува можеби низ најголемата криза во историјата. Русите имаа многу слаби резултати на последните големи натпреварувања, но и покрај тоа ИХФ одлучи да им додели вајлд карта за Светското првенство во Египет 2021.

На клупата на Русија седна добро познатиот стратег Велимир Петковиќ, а пикерот на Чеховски Медведи и репрезентацијата Павел Андреев ја коментираше одлуката на ИХФ за порталот mosregtoday.ru. Тој исто така го прокоментира новиот селектор на репрезентацијата.

„Сите момци беа воодушевени кога дознавме дека ќе играме на Светското првенство. Секој сака да докаже дека рускиот ракомет е жив и сака да напредува. Интересно е да се работи со нов тренер и едвај чекам да соработуваме. Имаме искуство со Петковиќ, сме играле во неговите клубови. Знам и дека во Германија имаше прекар „лошото куче“. Претпоставувам дека во тактичкиот дел ќе играме стабилен германски ракомет“, рече Андреев.

Петковиќ долго време работеше во Бундес лигата предводејќи многу клубови, а последен беше Фуксе Берлин каде што се задржа од 2016 до 2020 година. После добивањето вајлд карта Петковиќ ќе има можност веднаш да ја предводи Русија на едно големо натпреварување.