Симовски ќе има „шпиони“ во Романија – Ѓорѓиевска, Саздовска, Ливриниќ…

Женската репрезентација на Македонија ќе се соочи со Романија во баражот за пласман на Светското првенство во Шпанија.

Романската јавност добро ги познава дел од ракометарките на Симе Симовски, со оглед на тоа што во нивното првенство играат капитенот Елена Ѓорѓиевска (Магура Чиснадие), Елена Ливриниќ и Марија Штериова (Бузау), како и Јована Саздовска (Дунареа Браила).

Десниот бек Ѓорѓиевска претходно беше дел од Баја Маре и од Крајова, Саздовска играше за Магура, Штериова за Баја Маре, а Ливриниќ за Данубиус и Рапид Букурешт. Од актуелниот состав на Македонија, романско искуство има и Дајана Јовановска која беше дел од Данубиус Галаци.

Но колку што Романците ги познаваат нашите лидери на теренот, тоа важи и во обратна насока. Македонските репрезентативки може да му откријат тајни и слаби страни на Симе Симовски за романските репрезентативки, со оглед на тоа што сите од составот на Ади Василе (со исклучок на голманката Думанска) играат во домашниот шампионат.

Саздовска и Штериова поради повреди ја пропуштија последната акција и се уште не е познато дали ќе бидат подотвени за баражот. Првиот меч ќе се игра во Романија на 16/17 април, додека реваншот ќе биде во Македонија на 20/21 април.