Рогановиќ како Душебаеви – Зоран ќе го тренира синот Марко

Селекторот на репрезентацијата на Црна Гора, Зоран Рогановиќ кој е тренер на шведскиот Ескилстунa Гуиф од наредната сезона ќе го тренира својот син Марко.

Талентираниот млад голман кој е роден во 2002 година се приклучи на првиот тим на Гуиф и наредната сезона под водство на својот татко ќе се обиде да се избори за минутажа.

„Забавно и возбудливо е да се тренира и игра со првиот тим. Целта ми беше после оваа сезона да се приклучам на сениорскиот тим и сега ми се исполни“, рече помладиот Рогановиќ за клупскиот сајт.

Марко Рогановиќ е член на кадетската репрезентација на Шведска и минатата година беше најдобар голман во скандинавската земја во својата возраст. Со оглед на тоа што сè уште нема наполнето 18 години, кога ќе стане полнолетен би можел да ги смени репрезентативните бои и да настапува за репрезентацијата на Црна Гора.

„Марко има конституција и добра техника што му овозможува дополнително да напредува. Во текот на летото доколку го подобри физичката сила и кондиција може да стане голман кој ќе го гледаме на голот веќе оваа година“, рече тренерот Рогановиќ.

Семејството Рогановиќ по примерот на Душебаеви би можеле да станат ракометна династија. Исто така и 13-годишниот син на Зоран Рогановиќ се занимава со ракомет и игра на лев бек за разлика од татко му кој играше на десната страна.

Ќерката Мила која сега ги прави првите чекори во ракометот би требало да ја продолжи ракометната традиција на семејството Рогановиќ.