Рниќ: Ни недостигаат Лазаревски, Хорват… но и без нив ќе дадеме сè за добар резултат

Еден од поискусните ракометари во редовите на Металург, интернационалецот од Србија, Момир Рниќ верува дека утре ќе можат да дојдат до позитивен резултат против тимот на Аон Фиверс во Австрија.

За металурзите претстои тешка средба, но јасно е дека ќе треба да биде прикажано најдоброто на теретенот за да се дојде нови бодови. Со оглед на тоа што единствениот бод досега беше освоен против екипата на Фиверс за очекување е и денеска да се биде близу до успех.

„Фиверс е добра екипа. Ракометарите многу трчаат, но мислам дека имаме шанса со нив да се избориме за добар резултат. Дома со нив одигравме нерешено, а сега по сè што се случи ни се вратија неколку играчи, имаме и подобра ротација. Ќе биде тежок натпревар, тоа е сигурно, но имаме шанса да дојдеме до позитивен резултат. Од друга страна пак, сè уште не сме комплетни. Отсуството на секој играч ни се одразува на играта. Ни недостасуваат Златко Хорват, Милан Лазаревски… но ние и без нив ќе дадеме сè од себе за да направиме добар резултат“, изјавува Рниќ.

Средбата се игра утре од 20:45 часот, а од ракометарите на Металург се очекува уште подобра партија отколку што беше случај против Чеховски медведи и Висла Плоцк.