Ристовска: Сега сме спој на младост и искуство, очекувам три победи

Женската репрезентација на Македонија ја очекуваат квалификациски натпревари за пласман во баражот за Светското првенство во Шпанија.

Десното крило Сара Ристовска игра во одлична форма во руското првенство во дресот на ЦСКА Москва, а со националниот тим очекува три победи и пласман во баражот за СП.

„Противниците ни се познати. Ние играме на домашен терен, нормално дека сме фаворити, се подготвуваме овие неколку дена, дисциплирани сме. Имаме доста новитети во нашата селекција, подобра организација, како и нови млади ракометарки. Навистина имаме голема одговорност ние поискусните, ии треба да покажеме дека сме столбот на репрезентација во однос на младите кои треба да се огледаат на нас. Јас се надевам на три победи и верувам во тоа, затоа што се подготвуваме за тоа. Имаме искуство во вакви квалификации и верувам дека ќе држиме нивото и ќе покажеме некое ново светло“, вели Ристовска.

Во националниот тим има и неколку помлади ракометарки, кои треба да учат од оние поискусните.

„Ние сме спој на младост плус искуство. Ние играме во попрофесионални клубови кои не се на ист ранг како македонските. Ние им помагаме на сите и пробуваме да се вклопиме едни со други и верувам во успех“, заврши Ристовска.

Трите меча против Исланд, Литванија и Грција, нашата репрезентација ќе ги игра во СЦ „Борис Трајковски“ од утре до недела со почеток во 17:00 часот.