Ристовска: Мора уште повеќе да работиме и да се искачиме на повисоко ниво

Женската репрезентација на Македонија забележа три победи на квалификацискиот турнир за пласман во баражот за Светското првенство во Шпанија.

По Исланд и Литванија, кои беа убедливо совладани, на крајот против аутсјадерот од нашиот јужен сосед беше остварена најтешката победа.

Десното крило Сара Ристовска беше најдобар стрелец на трите меча за Македонија, вели дека мора уште повеќе да се работи и играта да се искачи на едно ниво погоре.

„Многу е тешко да се одиграат три натпревари за три дена, не е важно дали е во прашање меч против една од најдобрите репрезентации или пак било која друга. Се почувствува замор, првенствено зборувам во мое име, навистина бевме уморни. Но најважно е што победивме, шанса добија и младите играчи. Не чека уште многу работа, задоволни сме, остваривме три победи не е важно какви. Ќе се подготвуваме за она што не чека, за неполн месец играме бараж, чекаме да видиме кој ќе ни се падне, мора да работиме и да се искачиме на повисоко ниво“, изјави Ристовска.

Македонија утре ќе го дознае ривалот во баражот за СП, а натпреварите ќе се играат во средината на април.