Ривал на Еурофарм Пелистер од ЛШ на шопинг во Порто

Еден од ривалите на Еурофарм Пелистер во групната фаза од Лигата на шампионите – Алборг е блиску до потпис со ракометарот од Порто, Џек Турин, пренесува португалскиот портал „О Жого“.

Повремениот репрезентативец на Шведска токму во Порто го имаше првиот интернационален предизвик во својата кариера.

24-годишниот ракометар се покажа како вистинско засилување во тимот каде настапува голманот Никола Митревски и беше еден од носителите на играта во Порто.

Десниот бек во својата прва сезона во Лигата на шампионите постигна 50 погодоци во рамки од групниот сегмент. Во сезона 2021/22 со својот матичен клуб Сковде се натпреваруваше во Европскиот Куп.

Алборг за ангажирање на Турин ќе треба да им исплати оштета на португалците, со оглед на тоа дека шведскиот интернационалец има да одработи уште две сезони од договорот.

Данскиот вицепрвак ќе има голема промена во ростерот, бидејќи ангажираше дури осум нови ракометари.

На почетокот на сезоната во Алборг ќе пристигнат Никлас Ландин (Кил), Фабијан Норстен (Гумерсбах), Маринус Мунк (младинци), Лукас Нилсон (Рајн Некар Левен), Томас Арнолдсен (Архус), Алекс Влах (Целје), Патрик Висмах (Лајпциг) и Симон Халд (Фленсбург).