Репрезентативките верни на Металург: Младеновска и Коловска уште две сезони во Автокоманда!

Освојувачот на трофејот во Купот на Македонија минатата сезона, Металург, започнува со склопувањето на играчкиот мозаик за следната сезона.

Први што ја продолжија соработката се двете македонски репрезентативки, Ива Младеновска и Александра Коловска. Тие потпишаа договори на две сезони, со можност соработката да биде продолжена ако двете страни се задоволни.

Десниот бек Младеновска, која по потреба може да игра и десно крило, како и кружниот напаѓач Коловска покрај тоа што се кадетски репрезентативки, се дел и од младинската и од сениорската репрезентација на Македонија.

Металург оваа сезона повторно ќе биде во трка за титулата во Женската лига, а ќе има и настапи на меѓународна сцена во Европскиот Куп, каде за ривал го има ПАОК Солун.

Од денеска до недела тимот од Автокоманда ќе игра на меѓународен турнир во Михаловце во Словачка, против домаќинот Хувента, српската Јагодина и полскиот Јарослав.

Металург во новата сезона ќе биде дел од групата Б во Женската лига заедно со екипите на Ѓорче Петров, Стружанка, Феникс, Кузман Вардар, Овче Поле СУ, Астибо и Деспина.