РАСПОРЕД ГРУПА Б: Дерби во Битола и скопска пресметка за старт

Денеска во просториите на Ракометната федерација на Македонија беше извршена ждрепката за суперлигашките групи за следната сезона. Во групата Б покрај вицешампионот Еурофарм Пелистер ќе играат ќе играат и вториот битолски тим, потоа Радовиш и Пролет, кои беа дел од плеј-аут, Скопје кој преку бараж се избори за опстанок, Тиквеш, како и новите суперлигаши Голден Арт и Јуниор Кисела Вода.

Според распоредот, во првото коло Еурофарм Пелистер 2 во дербито ќе го пречека Тиквеш, додека скопска пресметка ќе имаат Голден Арт и Пролет. Радовиш ќе го пречека Јуниор КВ, додека Еурофарм Пелистер во Битола ќе игра со Скопје.

Натпреварите во првиот дел од сезоната ќе се играат по двокружен систем (секој со секого по еднаш дома и во гости), и ќе се играат 14 кола. По завршување на 14 кола од регуларниот дел ќе се разигрува за титулата во плејофот, и тоа првите четири екипи од двете групи. Екипите од 5 до 8 место од двете групи во регуларниот дел ќе разигруваат за опстанок.

Регуларниот дел од сезоната треба да почне на 3/4 септември, а да заврши на 17/18 декември. Плеј-офот и плеј-аутот треба да почнат на 18 февруари 2023, а сезоната да заврши на 28 мај 2023 година.

Во плеј-офот и плеј-аутот се пренесуваат и бодови врз основа на освоеното место во регуларниот дел од сезоната. Првата екипа пренесува 3 бода, втората – 2, третата – 1 и четвртата екипа стартува без бодови.