Ракометот се враќа во живот: Суперлигата продолжува на 16 октомври

Суперлигашки ракомет ќе се игра повторно од 16 октомври. Ракометната федерација на Македонија ги извести клубовите дека планот за продолжување на натпревари би требало да се реализира следната седмица.

Натпреварувањето во групата А беше прекинато пред три седмици, додека групата Б престана да се игра пред две седмици.

Од оние клубови кои што имаа пријавено позитивни случаи на коронавирус редовно си тренираат Радовиш и Охрид и полека се комплетираат со враќањето на заразените ракометари, додека дел од играчите на КЛ7 имаат индивидуални тренинзи, а со групни тренинзи би требало да започнат во текот на оваа седмица.

Дел од играчите на Струга се во изолација до 9 октомври, па од следниот ден веројатно ќе бидат во погон и ќе имаат неколку дена да се подготват за новите предизвици, а сличен е случајот и со Работнички.

Во групата А, се одиграа само две кола, додека во групата Б – две повеќе. РФМ останува на првичниот план А, да се игра петок и понеделник, но сега сите членови на екипите ќе прават тестови, за разлика од досега кога правеа по тројца до пет играчи.