Ракометар на Металург објави книга – љубовта кон спортот и девојките (ФОТО)

Дека меѓу ракометарите и општо меѓу спортистите постојат уметници и не е тајна, но кога некој од нив ќе објави книга секако е момент кој заслужува одбележување.

Младинскиот репрезентативец на Македонија, кој е ракометар на Металург, Дарко Кондев после осум месеци труд го објави својот прв роман под наслов „Таа“.

Се работи за роман со љубовно-спортска тематика во која се зборува главно за љубовта кон спортот и кон понежниот пол. Тој за 24 Ракомет објасни и колку време му било потребно да го напише овој роман за кој веќе беше направена и промоција.

„Додека бевме во карантин од март освен што тренирав имав време да се посветам на пишувањето. Имаше денови кога пишував и по 20 часови на ден. Драго ми е што успеав да го објавам. Веќе се случи и промоцијата, која беше онлајн поради пандемијата. Ризично е да организирав нормална промоција. Инаку, книгата е веќе пуштена и во продажба“, вели Дарко Кондев за 24 Ракомет.

Ова е негово дело првенец, а со ова покажува дека покрај во ракометот ќе се обиде да успее и на уште едно поле, но сосема поразлично.

Времето ќе покаже каде ќе биде поуспешен во ракометните или во писателските води.