Радичевиќ и колешките ќе имаат нов тренер – Бучечи доби отказ

Раководството на Кастамону одлучи да ја прекине соработката со тренерот од Романија, Костика Бучечи, поради лошите резултати во Лигата на шампионите и киксот против Измир во домашниот шампионат.

Костика Бучечи на почетокот на оваа сезона од Баја Маре се пресели во амбициозната екипа на Кастамону, која ангажираше неколку квалитетни засилувања, меѓу кои и поранешната ракометарка на Вардар, Јованка Радичевиќ, но клубот се претстави во лошо светло во Лигата на шампионите.

Кастамону експресно најде замена за Бучечи и на негово место реши да го ангажира искусниот тренер Хакан Гунал, кој има големо искуство во работата во женскиот ракомет. Гунал неколку сезони беше тренер на Кастамону и имаше забележано одлични резултати.

По десет одиграни натпревари во најквалитетното натпреварување, Кастамону се наоѓа на последното место во својата група без ниту еден освоен бод. Екипата во рамките на шампионатот на Турција доживеа пораз од Измир со 33:29, така што за составот на Кастамону, шампионската титула не е сигурна.

В сабота во рамките од Лигата на шампионите, Кастамону на свој терен го пречекува шампионот на Шведска, Савехоф. Првиот меѓусебен дуел заврши со победа на Савехоф, 28:26.