Пролет со комбиниран состав и со очекувани три бода во „Кале“

Екипата на Пролет сосема очекувано дојде до три бода на дуелот против Работнички во натпревар во кој наидe на силен отпор од подмладениот состав на домаќинот победувајќи со 39:23. Во текот на сите 60 минути домашните се бореа, но искуството на Пролет беше пресудно бодовите да заминат за гостинскиот состав.

Неизвесноста траеше во првите десет минути кога се играше гол за гол и постојано резултатот беше израмнуван. Ниту еден тим не успеа да дојде до поголема предност од еден погодок, но после 10. минута работите почнаа да се менуваат. Серија од 3:0 за Пролет за три минути донесе 9:6 и тука почна зголемувањето на водството.

Доколку гостите не беа во комбиниран состав тогаш победникот ќе беше одлучен многу порано. Ова беше шанса за помладите, па тие добија шанса на дело да покажат дали заслужуваат и повеќе минутажа на посилните дуели.

Немаше поголеми проблеми да се дојде до осум гола водство на крајот од првиот дел, а ова позитива беше и сосема доволна да може во продолжението од средбата да се игра смирено. Работнички се обидуваше да направи сè што е можно, но Палевски во нападот и голманот Виларов не можеа да направат нешто повеќе, па домашните мораа да се помират со пораз од 16 гола разлика, 23:39.

Денеска за гостите во состав не бешеМартин Поповски, а одмор добија и Ласко Андоновски и Доне Мајнов, кои не влегоа во игра.

РАБОТНИЧКИ – ПРОЛЕТ             23:39 (13:21)

Сала: СРЦ „Кале“ во Скопје. Гледачи: 50. Судии: Дејан и Димитар Георгиевски од Скопје. Делегат: Зоран Кимевски од Скопје.

РАБОТНИЧКИ: Куртановиќ, Виларов, Перчуклиевски, Осман 1, Михајловиќ, Фиданов, Стефановски, Темелков 5, С. Кочаров 3, М. Кочаров, Јосифовски, Палевски 14, Богоевски, Џепаровски.

Седмерци: 4/5, Исклучувања: 8 мин.

ПРОЛЕТ: Коруновски, Кристо, Кизиќ, Аларов 5, Додевски 2, Давитковски 4, Матовски 2, Манев 3, Јовановски 1, Гроздановски 3, Андоновски, Џонов 8, Мајнов,Гичев 4, Стојановски 5, Блажевски 2.

Седмерци: 5/6, Исклучувања: 10 мин.