Пролет се интересира за црногорски голман

Тимот на Пролет е во активна потрага по ракометари што ќе го засилат тенкиот ростер пред стартот на новата сезона, во која ќе биде активен и на домашна и на меѓународна сцена.

По заминувањето на Петар Ангелов, Пролет го ангажираше Андреј Петковски, но посакува уште еден чувар на мрежата, а прв на листата потенцијални засилувања е црногорскиот голман Никола Матовиќ.

Станува збор за голман што лани настапуваше за српскиот Железничар Ниш, а претходно беше дел од Даниловград и Ловќен Цетиње. Има 23 години, висок е 191, тежок 103 кг. Матовиќ беше дел од кадетската и младинската репрезентација на Црна Гора, додека имаше и повици за сениорскиот национален тим.

Пролет претходно ги продолжи договорите со Давор Палевски, Дејан Пецаковски, Ласко Андоновски, а освен Петковски, го ангажираше и Цветаноски од Струга, како и тренерот Андон Бошковски.

Oд Пролет заминаа Никола Потиќ, Петар Ангелов, Кристијан Давитковски, а најмалку уште двајца ракометари од составот што играше минатата сезона ќе си заминат од клубот. Македонскиот тим го очекува двобој со шпанскиот Гранољерс во првото квалификациско коло во Лигата на Европа.