Пролет се екипираше за новата сезона, одново само Македонци во тимот

Екипата на Пролет 62 подоцна од другите тимови стартува со тренинзите, а поради ситуацијата со коронавирусот го откажа учеството на турнирот во Струга и летово подготовките ќе ги мине на Маврово.

Овој тим најавува одново сериозни амбиции за пласман во плеј-офот со оглед на тоа што летово беа ангажирани двајца ракометари кои зад себе имаат репрезентативни настапи. На позицијата лево крило беше ангажиран Давор Палевски, додека како лев бек Дејан Пецаковски. Се работи за играчи кои сигурно ќе донесат голем плус.

„Задоволен сум од тоа како сме покриени за новата сезона на сите позиции. Со Палевски добивме многу на лево крило и практично го ослободивме Џонов да може да го имаме повеќе во бековската линија. Пецаковски со своето искуство сигурно ќе ни значи многу и за напад и за одбрана. Со неговото ангажирање практично најдовме играч со кој имаме квалитет плус и затоа нема да имаме играч од страна. Мујиќ заминува така што остануваме одново само со домашни ракометари“, вели тренерот Матлиески.

Мал проблем се создаде после заминувањето на Мартин Поповски, кој почна интернационална кариера.

„Единствено каде што може да се засилиме е позицијата десно крило. Таму имаме млади ракометари после заминувањето на Поповски. Меѓутоа нема да брзаме. Ќе почекаме да видиме дали има квалитетен играч кој би можел да ни донесе плус во играта. Засега ќе бидеме со овој ростер кој го имаме, а доколку е потребно на десно крило би можел да помогне и Давитковски“, коментираше Матлиески.

Пролет пред прекинот на минатата сезона беше на 3. позиција, но сосема извесно е дека и во следната сезона ќе има што да покаже на теренот така што тешко ќе се освојуваат бодови во салата „Македонско сонце“.