Пролет доби ново засилување, потпиша Дејан Пецаковски

Екипата на Пролет и во новата сезона ќе биде во конкуренција за висок пласман, а тоа го покажува со ангажман на уште еден ракометар кој во својата биографија има настапи за националниот тим.

Дејан Пецаковски го напушта Металург и доаѓа во редовите на тимот кој најавува трка за едно од местата кои носата во плеј-оф така што е сосема извесно дека тој ќе донесе многу и во одбраната и во нападот на тимот.

„Доаѓам во добро организиран клуб, кој отсекогаш важел за незгоден ривал за фаворитите. Кога и да сум доаѓал овде, дали со Зомимак, Металург или со Вардар, секогаш било тешко да се стигне до бодови против Пролет. Се надевам на успешна сезона во новиот клуб“, вели Пецаковски во изјавата за клупскиот сајт.

Претходно клубот го ангажираше и Давор Палевски, а од минатата година во екипата е и Петар Ангелов така што Пролет дефинитивно е клуб кој останува во трката и за пласман во европските купови иако за тоа има уште доста време.