Пролет ги чува своите бисери – нови договори за Тотиќ, Димковски и Стојановски

Тимот на Пролет ја продолжи соработката со кадетските и младински репрезентативци на Македонија, Томислав Димковски, Андреј Стојановски и Михаел Тотиќ.

Станува збор за ракометари кои имаа значајна улога во триумфот на кадетската репрезентација на ЕХФ шампионатот во Рига, на кој Димковски беше избран и за МВП на првенството. Тие добиваа шанса во првиот тим на Пролет во првиот дел од сезоната, а сигурно ќе имаат уште позначајна минутажа во плеј-офот, каде се дел од плановите на тренерот Лембанов.

Димковски и Стојановски настапуваат на бековската позиција, додека Тотиќ одлично се снаоѓа на позицијата лево крило.

„Пролет останува максимално доследен на клупскиот концепт на кој инсистира со години наназад, најдобрите членови на младинската школа да добијат шанси за докажување и во првата екипа. Остануваме проект што ќе создава квалитетни домашни играчи, го потврдуваме тоа и со новите договори на Димковски, Тотиќ и на Стојановски, тројца извонредно перспективни ракометари со кои потпишавме долгогодишни договори и за кои не се сомневаме дека ќе донесат бројни победи на тимот во иднина“, изјави директорот Сашо Огњеновски.

Од Пролет си заминаа тројца ракометари – Томислав Јагуриновски и Михаил Аларов во Вардар, како и Иван Џонов во Алкалоид.