Екипата на Прилеп успеа да се пласира во следната фаза од Купот на Македонија по убедливата победа над Астраион во Струмица со 37:25. На овој натпревар Прилеп настапи без четворицата ракометари од Грузија, Хазеин Рустамов, Зураб Цинцадзе, Реваз Чантурија и Мириан Гавашелишвили, но и тоа не беше проблем да се обезбеди висока победа.
Ракометарите на Прилеп имаа одличен старт. Поведоа со 5:0 преку Дамчевски, Бикоски, Андоноски и Павлов. Цврстата одбрана на избраниците на Горан Кузманоски никако не дозволуваше ни најмал влез на противничките ракометари. Домаќинот дури во 12. минута преку Катранџиев го постигна првиот гол. Астраион со лошо организираните напади и избрзани акции полека влегуваше во голема негатива.
Како на тренинг, со лесни голови, Прилеп ја градеше својата предност, па веќе во 20. минута резултатот беше 12:3 за составот на Прилеп. Ништо не се смени во последните десет минути од првиот дел. Прилепчани рутински одржуваа предност од осум до девет разлика, а на полувреме заминаа со плус осум, 18:10.
Прилеп во второто полувреме успеа да ја зголеми разликата од првиот дел. По десетина минути игра во вториот дел водството на гостинскиот тим беше плус 11, 24:13. Во последните дваесетина минути, Астраион се обидуваше да намали дел од големата негатива, но на крајот беше поразен со 12 гола разлика, 25:37.
Најефикасен на натпреварот беше ракометарот на Астраион, Иванче Ончев со 15 гола. Во Прилеп стрелците ги предводеше Хари Павлов со 12 погодоци.
Куп на Македонија, елиминациско коло:
*прочитајте го извештајот од секој натпревар со клик на резултатот
Охрид – Преспа 38-21
Металург – Јехона 44-22
Голден Арт – Партизан Гевгелија 41-19
Пролет – Кичево 51-21
Јуниор КВ – Куманово 32-29
Скопје – Текстилец 35-19
Работнички – Драчево 25-30
Македонија Ѓорче Петров – Струга 26-37
Еурофарм Пелистер 2 – Металург РА 38-18
Астраион – Прилеп 25-37
Борец – Тиквеш 26-35
Бутел Скопје – Вардар Неготино 35-25
Шампион – Еурофарм Пелистер 13-40
Аеродром – Младост Богданци 29-24
Алкалоид – Радовиш 39-27